Бербок: Ако не сакате сите млади да одат во Европа, Европа треба да ја донесете овде
„Ако не сакате сите млади да одат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесете овде“ е пораката на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, на заедничката прес-конференција со македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи.
„Сакам да ја изразам мојата почит и признание колку досега Северна Македонија консеквентно чекореше по европскиот пат. Знаеме какви компромиси и отстапки Вие направивте за сево ова, поаѓајќи од промената на името на земјата, па се до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесно за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои се уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура“ – рече Бербок.
Според неа, затоа е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.
„Важно и значајно беше што Вие го трасиравте овој пат особено во однос на посебните предизвици. Со оваа храбра политичка одлука можат пристапните преговори официјално да започнат и Вие со оваа политичка одлука и политички капитал испративте јасен сигнал до целиот регион – го сакаме приемот во ЕУ и ќе направиме се што е неопходно за тоа. Кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам – искористете ги сите расположливи средства процесот да продолжи во наредните месеци, да не се случи да не успеете на оваа клучна пречка“ – нагласи Бербок.
Договорената промена на Уставот, истакна таа, не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.