Македонија

Без зголемени цени нема откуп на тутун, порача Стомнароски

„Нема да дозволиме да почне откупот на тутунот, ниту да поставиме повереници на вагите додека не се зголемат откупните цени на тутунот. Некои помали компании сакаа да почнат денеска со откуп, но ние не отстапуваме од ставот за повисоки цени“, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Од 15 ноември претпријатијата може да почнат со откуп на тутунот, а најдоцна до 15 декември треба да ги отворат пунктовите. Мострите тутун се запечатени, според законскиот рок.

„Нема да отстапиме од ставот за повисоки откупни цени на тутунот за да имаме исплатливост за производство. Додека не се зголемат цените нема да поставиме повереници на откупните пунктови. За тоа се информирани фирмите. Нашето барање е цените да се зголемат. И ќе преговараме за тоа“, рече Стомнароски.

В понеделник  во министерстерството за земјоделство е закажана средба со откупувачите. Ќе присуствуваат и претставниците на тутунарите.

„Ја очекуваме поддршката од Министерството за тоа дека производството само со исплатливост, со реални цени, може да опстои како стратешка култура. Вака, нема интерес и не само кај младите генерации“, рече Стомнароски.

Годинава производството на тутун е за една третина намалено. Ако лани беа околу 21.000 тони, годинава се 13.000 до 14.000 тони тутун, иако со компаниите се договорени количества од 26.000 тони тутун.

„Тутунот е со висок квалитет, ама количински е малку. Влијаеја климатските изместувања, кога се садеше беше дождливо, калливо, кога растеше беше сушно. А друга причина е што нема кој да го  произведува, зашто за младите генерации не е атрактивно и исплатливо“, заклучува Стомнароски.

Лани се постигна просечна откупна цена од преку 290 денари за килограм. Инаку, по класи, моментално цените се: за прва 300, за втора 240, а за трета класа 180 денари. Тутунарите сакаат реална цена да им ги покрие трошоците и да имаат исплатливост.

Годинава тутун ќе купуваат 10 компании кои, според Сојузот, обезбедиле гаранции дека ќе го платат откупеното. Во земјава со тутунопроизводство се занимаваат околу 17.000 семејства.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons