Свет

Арктикот соборува рекорди, последиците ќе ги почувствува целиот свет

Минатиот месец бил екстремен за Арктикот, температурите скокнале за 20 Целзиусови степени над нормалата, а морскиот мраз достигнал најниско ниво некогаш забележано за февруари, трет последователен месец на рекордно ниски вредности, пренесува Си-ен-ен.

„Се надевам дека овие три месеци не се вовед во потенцијално нов апсолутен минимум ова лето, бидејќи почетната точка на сезоната на топење не е добра“, кажа Мика Рантанен од Финскиот метеоролошки институт.

Научниците истакнуваат дека Арктикот е „ран показател на климатските промени“, а губењето на морскиот мраз е знак дека регионот е во сериозни проблеми. Иако во ова време од годината мразот би требало да достигнува максимум, се бележат рекордно ниски вредности.

Според извештајот на НОАА, Арктикот сега функционира под „нов режим“, каде промените можеби не уриваат рекорди секој пат, но стануваат сè поекстремни. Твила Мун од Националниот центар за податоци за снегот и мразот истакнува: „Тој е нешто како наш планетарен клима-уред“.

Губењето на мразот влијае не само на локалниот екосистем и четирите милиони луѓе кои живеат на Арктикот. Морскиот мраз ја рефлектира сончевата светлина, но како што се намалува, темниот океан апсорбира сè повеќе топлина, забрзувајќи го загревањето на планетата. Арктикот се загрева четири пати побрзо од глобалниот просек, а брзата промена на регионот веќе доведува до екстремни временски шаблони низ планетата.

„Меандрирањето на млазната струја ги прави временските услови подолготрајни, што доведува део подолги топлински бранови, студени периоди, суши и бури“, вели Џенифер Франсис од Вудвел центарот за истражување на климата.

Според истражувањето на научникот Дирк Ноц од Универзитетот во Хамбург, Арктикот за време на летото ќе остане без мраз до 2050, дури и ако штетните емисии веднаш престанат. „За тоа е реално предоцна“, кажа Ноц. Некои истражувања предвидуваат дека првиот ден без мраз би можел да дојде дури и пред крајот на оваа деценија.

Научниците предупредуваат дека геополитичките превирања дополнително го отежнуваат следењето на забрзаните промени на Арктикот. Руските научници, кои претходно учествувале во истражувањата, се исклучени од меѓународната соработка поради конфликтот во Украина, што ја ослабува способноста за следење на состојбата во регионот.

САД исто така се соочуваат со проблеми – кастрењата на финансирањата на научните агенции од страна на владата на претседателот Доналд Трамп предизвикуваат загриженост поради недостигот од ресурси за следење на климатските промени. „Она што се случува на Арктикот е еден од најочигледните показатели колку сме моќни во менувањето на лицето на нашата планета. Способни сме да избришеме цели пејзажи“, заклучува Ноц.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons