Адвокатот на Ламбе Алабаковски: Тој е државјанин на САД, но не се повикува на тоа
Драган Георгиев, адвокатот на Ламбе Алабаковски кој беше уапсен за палење на културниот центар „Иван Михајлов“ за што доби осумдневен притвор, откри дека пејачот има државјанство на САД, но дека тоа не го користи во своја полза.
„Во мое присуство, Ламбе Алабаковски пред надлежните органи кажа дека е и државјанин на САД, но не се повика на него, ниту бараше да биде известена американската амбасада во Скопје. Така што немам информација дали во меѓувреме бил посетен од претставник на амбасадата“, рече тој за „Пресинг ТВ“.
Адвокатот на Алабаковски очекува притворениот да биде пуштен да се брани од слобода уште пред истекот на осумдневниот притвор.
-Јас очекувам и се надевам, а и работам на тоа. Првично одредениот рок не значи дека и ќе остане, зашто секогаш постои можност тој да биде и продолжен, а до тоа не сакаме да дојде, вели Георгиев.