Магазин

Јапонија: Повеќе од 100.000 лица постари од сто години

Бројот на стогодишници во Јапонија за првпат надмина 100.000, соопшти денеска јапонското Министерство за здравство.

Според податоците на Министерството, во Јапонија сега живеат 107.677 лица постари од 100 години, што претставува зголемување од 7.914 во споредба со минатата година.

„Задоволни сме што голем број луѓе живеат подолго и остануваат активни благодарение на напредокот во медицинската технологија“, изјави министерот за здравство Кеничиро Уено.

Бројот на стогодишници во Јапонија постојано се зголемува во последните 56 години, пренесува германската агенција ДПА.

Кога во 1963 година започнало собирањето податоци, во Јапонија имало само 153 стогодишници, а по 25 години таа бројка надминала 10.000.

Според последното истражување, околу 88 проценти од стогодишниците се жени. Во Јапонија, очекуваниот животен век е меѓу најдолгите во светот, каде што жените живеат околу 87 години, а мажите 81 година.

Во исто време, населението на Јапонија се намалува со рекордно темпо поради ниската стапка на наталитет и ниското ниво на имиграција.

Бројот на јапонски државјани на почетокот на годината падна под 120 милиони, што е првпат во последните 42 години. За само една година, населението на Јапонија се намали за 917.000.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons