Ѓорѓиев: Никој не може да ни го одземе правото да сонуваме
Македонската одбојкарска репрезентација од среда го почнува настапот на Европското првенство, нашата група ја играме во Софија.
Македонија има исклучително тешка група, но капитенот Никола Ѓорѓиев има оптимистички мисли пред големиот турнир.
„Навистина сме во една многу тешка група. Меѓутоа никој не може да ни го одземе правото да сонуваме, на теренот сме сите 6 на 6, со либеро 7 на 7. Моменталните резултати на Бугарија, Украјна, Полска, навестуваат дека тие се огромни фаворити против нас, меѓутоа, ако ги прашате и Португалија и Израел, тие веќе имаат запишано победата против нас, така што, ќе биде интересно“, вели Ѓорѓиев.
„Мислам дека ние треба да бидеме многу внимателни со нашата игра, да ја подобриме во однос на Европската лига и мислам дека многу спремни доаѓаме на ова Европско првенство. Мораме ние постарите да бидеме помудри, да не нè понесат еуфоријата и емоциите особено на решавачките натпревари. Искрено, ова за нас претставува еден вид на настап како на Олимписки игри. Можам да ветам дека ќе „гинеме“ за секоја топка и со Господ напред се надевам дека ќе израдуваме македонската јавност“.
Првиот меч го играме на 9. септември против Бугарија, а во нашата група се уште и селекциите на Полска, Украина, Португалија и Израел.



