ЦЕНИТЕ НА МЛЕКОТО ГИ „ПОБУДАЛЕА“ ГРАЃАНИТЕ, АМА ИНСПЕКТОРИТЕ НЕ НАШЛЕ НЕОПРАВДАНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ 

Цените во маркетите дивеат, а на граѓаните веќе им е страв дури и да отидат во продавница, бидејќи не знаат со какви драматични цени на производите ќе се соочат.

Многу од граѓаните веќе си го поставуваат прашањето дали овие нови секојдневни ценовни шокови се оправдани, односно дали се темелат на реалните набавни и производни цени, или, пак, веќе станува збор за трговско самоволие, односно еден вид на „воено профитерство“, што би значело дека војната во Украина и високиот раст на цените на енергенсите неоправдано се користи како алиби за ненормално зголемување на цените, кое нема врска со реалноста. 

Како што е познато, Владата на својата завчерашна седница одлучи да ја продолжи важноста на замрзнати цени на одредена група на производи до крајот на годинава, но не ја прошири листата на производите, со образложение дека пазарот сеуште се анализира. 


Фактор ја праша директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска дали пазарните инспектори имаат ингеренции да ги контролираат овие евентуални трговски самоволија и злоупотреби со драстичните зголемувања на цените. 

Таа во изјава за Фактор вели дека Пазарниот инспекторат може само да контролира дали трговците ги почитуваат владините одлуки, односно дали се дрзнуваат да ги зголемуваат маржите кај оние производи за кои Владата донесе одлука да бидат замрзнати, но пазарните инспектори не можат да „се мешаат“ за другите производи, бидејќи, како што вели, станува збор за слободен пазар, каде што не смее да има ограничувања.

„Нашите инспектори работат во делот на ограничените маржи, и се испитува дали трговците ги почитуваат тие владини одлуки. Но, другите цени се на слободен пазар, што значи дека пазарот, односно понудата и побарувачката одредуваат колку ќе бидат високи цените. Практично, се додека има купувачи, додека има граѓани кои купуваат и по тие цени, трговците ќе ги зголемуваат цените, но мислам дека пазарот на крајот сето тоа ќе го избалансира. Што значи, ние можеме само да провериме дали цената е согласно онаа од добавувачите“, објаснува Симеска-Димоска.

Во моментов, според директорката на Државниот пазарен инспекторат, пазарни инспектори контролираат дали е оправдан растот на цените на млекото, односно дали сегашните енормни цени на млекото кои достигнуваат дури и до 80 денари, е врз основа на реалните трошоици за производство. Практично, биле контролирани сите досегашни зголемувања на цените на млекото. 

Она што Пазарниот инспекторат го има како информација, е дека нема неоправдано зголемување на цените на овој производ.

Повеќе на faktor.mk


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons