Француската влада ги прифаќа барањата на демонстрантите и најави големи промени во училиштата
Француската влада оваа недела претстави план за исполнување на барањата на средношколците и студентите, кои со недели протестираат поради лошата состојба во образованието и бараат инвестиции од 10 милијарди евра.
По пет недели немири и блокади на средните училишта и универзитетите, министерот за образование Едуар Жефреј и неговиот колега задолжен за високото образование, Филип Батист, на прес-конференција го претставија првиот политички одговор на владата на нивните барања.
Мерките опфаќаат реформа на Паркурсуп, платформата за упис на универзитетите, ограничување на бројот на ученици во средношколските паралелки, обновување на училишните згради и намалување на притисокот од континуираното оценување. Владата планира да ги усвои веднаш, преку амандмани на буџетот за 2027 година, или во наредните месеци.
Министерот за образование Едуар Жефреј истакна дека „ниту една од одлуките“ донесени како одговор на кризата во образованието „не е празно ветување“.
„Сè што ќе кажеме ќе биде спроведено и исполнето во точно утврдени рокови, со јасни и мерливи цели“, изјави тој на прес-конференција по состанокот со средношколските и студентските организации заедно со премиерот Себастиен Лекорни, пренесе Франс 24.
„Почнувајќи од утре, ќе започнеме консултации со средношколците и синдикатите на вработените за да ја разгледаме улогата на континуираното оценување во средните училишта и за полагањето на матурата“, рече Жефреј.
„Успехот на нашите млади не смее да зависи од нивното социјално потекло, средното училиште во кое учат или средината во која растат“, порача премиерот Лекорни на платформата Икс.
Едно од главните барања на средношколците се однесува на укинување на платформата Паркурсуп за упис на универзитетите, воведена за време на првиот претседателски мандат на Емануел Макрон. Владата вети дека ќе го реформира системот во 2027 година, а во 2028 година ќе го замени со поедноставен систем.
Критичарите сметаат дека Паркурсуп не овозможува праведна распределба на кандидатите при уписот на универзитетите, туку се претворила во нетранспарентен, дискриминаторски и стресен филтер што создава нееднаквост меѓу учениците во зависност од училиштето и регионот од кој доаѓаат.
Владата вети и поволен кредит од пет милијарди евра за обновување на училишната инфраструктура – четири милијарди евра за средните училишта, покрај претходно обезбедените 1,5 милијарди евра, и една милијарда евра за универзитетските кампуси.
Помалку ученици во паралелките, дополнителни наставници, психолози и студентско сместување
Владата вети и отворање 15.000 дополнителни места во високото образование, првенствено за двегодишни и тригодишни стручни додипломски студии во регионот на Париз. Од нив, 10.000 места ќе бидат на двегодишни програми, 4.000 на тригодишни програми, а 1.000 места поврзани со здравството.
Планирано е и во рок од две години да се ограничи бројот на ученици во паралелките во прва година средно образование на најмногу 28.
Владата се откажува од планираното укинување работни места во средното образование и планира да вработи 500 нови наставници. Ќе бидат вработени и 500 психолози, медицински сестри и социјални работници. Ветено е и усогласување на студентските стипендии со инфлацијата.
Планираната изградба на 45.000 сместувачки единици за студентите во периодот од 2025 до 2027 година, веќе е почната, и 26.000 веќе се во изградба.
Претставниците на француските средношколски здруженија ги поздравија владините предлози за решавање на кризата, оценувајќи дека тие се движат во посакуваната насока. Сепак, сакаат да продолжат со протестите сè додека не добијат „многу конкретни повратни информации од теренот“, изјави Натанаел Комбари од организацијата „Ренуво лицеен“, пренесува АФП.



