Уште 60 милиони евра од утре за енергетската криза
Oд утре Министерството за финансии ќе одвои уште една астрономска сума од 60 милиони евра за трошоците за енергетската криза. Со тоа сумата вонредно исплатена во последните година дена кон ЕСМ се движи кон нешто помалку од 300 милиони евра.
– Утре на владина седница како една точка од дневниот ред ќе биде потврдување на нова сума од 60 милиони евра за покривање на енергетската криза, тврдат извори на Владата. Парите ќе служат за справување со последиците предизвикани од високата цена на електричната енергија на берзите и скапиот природен гас.
Владата во септември веќе му ја исплати целосната сума од 50 милиони евра на АД ЕСМ предвидена за енергетската криза во снабдувањето со електрична енергија. Ова е прва трансакција од буџетот наменет за државните електрани по повеќе од половина година и втора по големина од почетокот на енергетската криза, откако во првата половина во ноември 2021 беа префрлени 65 милиони евра за ЕСМ. Потоа следуваа уште 18 милиони евра кон ЕСМ за обезбедување на топлинска енергија за парно загревањето на скопјани.
До сега ЕСМ бараше различни начини како да ја финансира „дупката“ што се јавува од разликата помеѓу скапата набавна и релативно евтината продажна цена за домаќинствата. Се бараа позајмици од поликвидните акционерски друштва во државна сопственост и заеми од меѓународните кредитори.
Само во месец февруари кризата принудно ја натера Владата во неколку наврати да му исплати 58 милиони евра на државните електрани. Кога ќе се стави се на збир, излегува дека во 2022 за првите два месеци беа потрошени 80 милиони евра од владиниот буџет. Ако на ова се додадат и парите од 2021 по прогласувањето на енергетската криза, вкупниот износ грубо пресметан е околу 300 милиони евра.