Актуелно

Уставниот суд ќе испитува дали на сите пензионери еднакво треба да им се зголемува пензијата

Постапувајќи по предмет, на предлог на судијата-известител Добрила Кацарска, Уставниот суд одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување.  Станува збор за одредба од законот со која се зголемуваат пензиите, во јавноста познато како линеарно зголемување.

Од Уставниот суд појаснуваат дека станува збор за оспорениот член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување според кој предвидува право на редовно месечно усогласување на пензиите пресметките направени врз основа на порастот на плати и трошоци на живот, но истите се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите прензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.

„Судот го имаше предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните. Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека со оспорениот член 2  се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Имено, се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии“, велат од Уставниот суд.

Од судот појаснуваат дека пензијата е стекнато имотно, индивидуално право и согласно член 30 од Уставот правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде ограничено или одземено. Следствено на ова, велат оттаму, пред Уставниот суд основано е поставено прашањето дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии.

Според Европскиот суд за човекови права во Стразбур низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14 односно забрана од дискриминација од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка доколку нема објективно и разумно оправдување, односно ако не ја остварува легитимната цел или ако не постои разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира.

„Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано. Постапувајќи по овој предмет судот ја отфрли иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска поради тоа што оспорените одредби, член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година се од времен карактер и повеќе не се дел од правниот промет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons