Судот во Охрид ги ослободи обвинетите за нападот врз Пендиков
Основниот суд во Охрид донесе ослободителна пресуда за Борче Ангелов и Илија Спасески, обвинети за физичкиот напад врз Христијан Пендиков, поранешен секретар на бугарскиот клуб во Охрид. Одлуката следува откако Апелациониот суд во Битола го врати предметот на повторно судење.
Судот оценил дека не е докажано оти двајцата обвинети го сториле кривичното дело што им се става на товар, како и дека не може да се докаже етнички мотив за нападот, објави Бугарската национална телевизија (БНТ).
Претходно, во првостепената постапка, Ангелов и Спасески беа осудени на по осум месеци затвор за нанесување тешка телесна повреда. Меѓутоа, по одлуката на Апелациониот суд во Битола, предметот беше вратен на повторно одлучување, кое сега заврши со ослободителна пресуда.
Адвокатот на Пендиков, Стефан Камишевски, изразил остро незадоволство од одлуката, оценувајќи дека судијата практично ја променил сопствената претходна пресуда.
„За нас е неспорно дека делото е извршено од етнички причини. Во текот на целата постапка не се појавија никакви други факти или докази што би укажувале на друг мотив“, изјавил Камишевски.
Тој посочил дека одбраната на Пендиков нема право на жалба во оваа фаза од постапката и дека понатамошниот тек зависи од Обвинителството, од кое се очекува да поднесе жалба до повисокиот суд.
На одлуката реагираше и самиот Пендиков, кој ја нарече срамна и оцени дека испраќа опасна порака.
„Се срамам од оваа пресуда, објави 4news.mk Да имаш ослободителна пресуда покрај сите презентирани видеодокази е срамно. Со оваа одлука судот дава зелено светло секој што се самоопределува како Бугарин во Македонија слободно да биде тепан, без никој да сноси последици“, изјавил Пендиков.
Тој тврди дека по нападот на 19 јануари 2023 година, во изминатите три години бил изложен на секојдневно вознемирување, навреди и клевети, насочени и кон неговото семејство.
фото БНТ



