Македонија

Судовите заглавија со 149 илјади предмети: Недостигот од судии и службеници го кочи системот

На ниво на државата, судовите во вториот квартал не успеале да го совладаат приливот на нови предмети и го зголемиле заостатокот за 2.127 предмети. Ова беше констатирано на денешната седница на Судскиот совет, на која беа усвоени тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април-јуни 2026 година.

Согласно извештаите, судовите го започнале вториот квартал со 147.288 нерешени предмети, примиле 121.909 нови, а вкупно во работа имале 269.197 предмети. Од нив решиле 119.782, додека на крајот на периодот останале нерешени 149.415 предмети. Работата на судовите на ниво на државата е оценета како неажурна, а како еден од клучните проблеми повторно беше посочен недостигот од судски службеници.

На ниво на највисоките судови, како неажурни се оценети Управниот и Вишиот управен суд. Вишиот управен суд, со само шест судии од предвидените 13, го завршил кварталот со 2.767 нерешени предмети, додека Управниот суд, со 26 судии и пополнетост на судската служба од 39,05 проценти, завршил со 5.528 нерешени предмети. Врховниот суд, пак, е оценет како ажурен, и покрај тоа што работи со 14 судии од предвидените 28.

Во апелационото подрачје Битола, ажурни се Апелациониот суд Битола и Основниот суд Охрид, додека основните судови во Битола, Крушево, Прилеп, Ресен и Струга се оценети како неажурни.

Апелациониот суд Битола работи со само девет судии од систематизираните 25 и пополнетост на судската служба од 35,19 проценти, но сепак ја задржал ажурноста. На тоа, според образложението, помогнало времено упатување судии од Гостивар.

Основниот суд Битола е со преполовен судиски кадар, односно 12 од предвидените 25 судии, и завршил со 7.468 нерешени предмети. Во Крушево работат само еден судија и еден времено упатен судија, а судот кварталот го завршил со 530 нерешени предмети.

Основниот суд Охрид, иако работи со седум од предвидените 18 судии и двајца делегирани судии, е оценет како ажурен. Од друга страна, Основниот суд Прилеп, со осум судии и тројца делегирани судии, останал со 9.149 нерешени предмети, додека Основниот суд Струга, со само четворица судии и тројца делегирани судии, кварталот го завршил со заостаток од 9.115 предмети.

Во апелационото подрачје Штип, како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица, додека неажурни се Берово, Кочани, Радовиш и Штип. Неажурен е и самиот Апелационен суд Штип.

Апелациониот суд Штип работи со 10 судии од предвидените 16 и го завршил кварталот со 2.106 нерешени предмети.

Особено лоша состојба беше посочена за Основниот суд Берово, за кој на седницата беше наведено дека практично не функционира поради недостиг од судии и друг стручен кадар.

Како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица. Основниот суд Струмица, со 12 судии од предвидените 20, успеал да го намали бројот на нерешени предмети на 3.319.

Неажурни остануваат основните судови во Кочани, Радовиш и Штип. Основниот суд Кочани го завршил кварталот со 3.179 нерешени предмети, а Основниот суд Радовиш со значителен недостиг на кадар и пополнетост на судската служба од 31,82 проценти.

Во гостиварското апелационо подрачје, ажурен е само Основниот суд Гостивар, додека основните судови во Дебар, Кичево и Тетово, како и Апелациониот суд Гостивар, се оценети како неажурни.

Апелациониот суд Гостивар работи со 10 судии од систематизираните 16 и кварталот го завршил со 850 нерешени предмети.

Основниот суд Гостивар е еден од ретките што успеал да го совлада приливот на предмети. Од вкупно 12.523 предмети во работа, решил 6.394 и го намалил заостатокот на 6.129 предмети.

Основниот суд Тетово имал најголем обем на работа во ова подрачје, со над 21.000 предмети во работа, но и покрај тоа останал со 8.346 нерешени предмети. Неажурни се и судовите во Дебар и Кичево.

Во најголемото апелационо подрачје, Скопје, ажурни се Апелациониот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, како и основните судови во Велес и Кратово.

Апелациониот суд Скопје, и покрај тоа што има пополнетост на судската служба од само 21 процент, е оценет како ажурен и кварталот го завршил со 7.488 нерешени предмети.

Неажурен е Основниот граѓански суд Скопје, кој има најголем заостаток во државата, односно 24.298 нерешени предмети. Судот работи со 56 судии од предвидените 77.

Основниот кривичен суд Скопје е оценет како ажурен и во вториот квартал решил 22.962 предмети од вкупно 43.572 предмети во работа.

Како неажурни се оценети и основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово и Неготино, додека ажурни остануваат Велес и Кратово.

Од дискусијата на седницата произлезе дека речиси сите судови се соочуваат со недостиг од судии, а особено со недоволен број судски службеници. Поради тоа, Судскиот совет оцени дека кадровската екипираност останува еден од најголемите предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons