ССМ загрижен што се повеќе дејности ќе можат да работат во недела
Сојузот на синдикати на Македонија изразува загриженост што се намалува бројот на дејности кои нема да работат во недела како ден за одмор, откако во Собранието се поднесени измени на законотите за работни односи и за трговија.
„Загрижени сме поради информациите дека групи на пратеници и министерот за економија Бектеши, изготвувале предлог текстови на Законот за работните односи и Законот за трговија со кои планираат да се уназадуваат и кратат работнички права во поглед да се озаконуваат незаконитостите, наспроти очекувањата на работниците и ССМ за доследно да се почитуваат Законот за трговија и Законот за работните односи во делот на законските измени за недела – неработен ден односно ден за неделен одмор и да не се озаконуваат незаконитостите“, објави ССМ.
За организацијата со самото тоа што најавените предлог Закони веќе се доставени до Собранието, избегнат е социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво. ССМ бара итна средба на Економско социјалниот совет на која како единствена точка ќе се разгледува ова важно прашање.
„Сметеме дека ваквите чекори го уназадуваат социјалниот дијалог во Државата и го миноризираат Економско социјалниот совет и договорите помеѓу работниците, работодавачите и Владата и на таквиот начин го оневозможуваат правото на најзасегнатите страни да учествуваат во социјалниот дијалог преку кој во изминатиот период се донесоа многу значајни решенија за сите.
Не смее да се дозволи за овие важни прашања да се елиминираат ставовите и улогата на социјалните партнери, што ќе значи и немање на Социјален дијалог во Државата што не е од интерес на ниту една страна или чинител во општеството“, додаваат од ССМ.
Од таму не сакаат да веруваат дека членови на Владата свесно не ги почитуваат претставниците на работниците и работодавачите и се прави голем преседан по основ на кршење на работничките права.