Со 64 гласа „за“ усвоен Дополнетиот ребаланс за 2026 година
Со 64 гласови „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието попладнево го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година.
Пратениците од владејачката коалиција истакнаа дека ребалансот е насочен кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, додека опозицијата критикуваше дека тој не е развоен ниту социјален.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето експозе посочи дека ова претставува навремено усогласување на буџетските проекции со новите економски околности.
„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, рече министерката.
Таа додаде дека со изгласувањето се обезбедува сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, истакна дека ребалансот ќе гарантира повисоки плати и пензии во наредните шест месеци.
„Развојните потпрограми, оние коишто се директно одговорни за тоа што ќе се направи во државата, достигнуваат 41 милијарда и 58 милиони денари, што значи зголемување од 4,2 милијарди денари, односно 11,4 отсто“, кажа Стојаноски.
Со Дополнетиот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари (раст од 1,2%), а расходите на 425,8 милијарди денари (повеќе за 2,8%). Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП.
За капитални инвестиции се обезбедени 46 милијарди денари, што е за 14,3% повеќе од првичниот буџет, откако во првото полугодие нивната реализација порасна за 53,5 проценти.
Преку вградените амандмани се обезбедија и наменски средства за жените земјоделки, СОС линија, два шелтер центри за жртви на семејно насилство, 6 милиони денари за транспорт на вода во Гостивар, како и дополнителни средства за МОН, Јавното обвинителство, МЗШВ и Стоковните резерви.



