СОБИРАЛЕ ДОНАЦИИ ЗА НАВОДНО ЛЕКУВАЊЕ НА БОЛНО ДЕТЕ – кривични пријави за жители на Дебар за измама
Две лица од Дебар и околината добија кривични пријави откако било открено дека преку социјалните мрежи собираат пари за лекување на болно дете, што всушност не било вистина.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Одделението за внатрешни работи во Дебар поднесе кривични пријави против двете лица, кои преку измама за лекување на наводно болно дете противправно се стекнале со финански средства.
– Кривична пријава е поднесе против Х.М.(19) од с.Селокуќи, дебарско и против И.К.(28) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Првопријавената, поттикната од второпријавениот, во периодот од 10 до 12 март годинава довела во заблуда повеќе лица, така што лажно прикажувала факти преку социјалната мрежа, односно преку профил со кој менаџирал второпријавениот, собирала парична помош за операција, односно лекување на наводно болно дете од Дебар – информираа од Секторот за внатрешни работи-Охрид.
На тој начин првопријавената се стекнала со противправна имотна корист во вкупен износ од 3.200 евра и 6.000 денари.
Ова е прв ваков случај до сега на ова подрачје.
Дебарското одделението за внатрешни работи на 13 март информираше дека постојат лажни информации од одредени лица кои се всушност, класичен обид за измама, со цел противправно стекнување парични средства.
Апелираше, граѓаните да бидат внимателни, да не се јавуваат на оставените мобилни броеви за контакт, да не се среќаваат со други лица по овој основ, да не споделуваат лични податоци и да не вршат донирање на парични средства.



