Скоро 1.000 припадници на елитната руска единица „Росгвардија“ одбиле да одат во Украина
Познатиот руски адвокат Михаил Бењаш пред неколку дена изјави дека ќе ги застапува на суд припадниците на елитната руска единица „Росгвардија“, кои биле отпуштени откако одбиле да бидат распоредени во рамките на руската инвазија врз Украина, пишува „Фајненшл Тајмс“, а пренесува српски „Данас“.
Адвокатот вели дека неговиот тим е во контакт со речиси 1.000 припадници на посебната единица, кои им се спротивставиле на наредбите да одат на фронтот.
„Многу луѓе не сакаат да одат да се борат“, изјави Бењаш од рускиот град Краснодар, од каде се 12-темина припадници на гардата кои сега ја тужат државата, откако биле отпуштени по одбивањето да одат на фронтот.
Росгвардија е специјална единица на руските безбедносни сили, која не е подредена на војската или на полицијата, туку е под директна контрола на претседателот Владимир Путин. Единицата е основана во 2016 година, како средство за одржување на јавниот ред и борба против криминалот. Таа досега се поврзуваше главно со разбивањето на антивладините демонстрации во Русија.
Според Павел Чиков, претседател на руската организација за човекови права Агора, 12-темина гардисти биле на Крим на вежба, кога започна инвазијата врз Украина. Тие добиле наредба да одат на фронтот, но ја одбиле, бидејќи сметале дека се дел од домашните безбедносни сили и дека немаат ниту право, ниту обврска да војуваат во други држави.
„Одбивањето на извршувањето на наредбата е образложено со нејзината незаконитост“, напиша Чиков на Телеграм, додавајќи дека „нивните директни должности се ограничени на територијата на Руската Федерација“.
Западот ја смета „Росгвардија“ за „приватна војска“ на Путин. Припадници на единицата беа забележани во Украина во изминатите недели, но аналитичарите велат дека тие не учествуваат во борбите, туку таму биле испратени првенствено за да ги задушуваат протестите во украинските градови.