Актуелно

Се работи на повеќе патишта низ Македонија – возачите да бидат внимателни!

АМСМ информира дека во тек се повеќе градежни активности на патиштата во државата, поради што ги предупредуваат граѓаните да возат внимателно.

На делницата Гостивар – Стража се врши санација на неколку мостови, поради што е воведен времен режим на сообраќај. Работи се изведуваат и на мостовите на автопатот А2 кај село Желино, како и на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово, каде сообраќајот се одвива по две ленти поради затворање на левата лента за претекнување.

На автопатот А1, делница Смоквица – Гевгелија, се изведуваат работи за поставување интерконективен гасовод, додека на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост продолжува санацијата на свлечиште со времен режим на сообраќај.

Поради изградбата на Коридорот 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола е во сила привремен режим на сообраќај, при што возилата се пренасочуваат по регионалниот пат од клучка Лагово до Тополчани.

АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат внимателно, особено на делниците каде е можна појава на одрони. Поголема претпазливост се препорачува на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е повторно отворен за сообраќај за возила до 3,5 тона.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons