Седум златни медали од Истанбул за македонските репрезентативци во БЈЈ
Овој викенд во Истанбул, Турција се одржа уште еден од многуте силни турнири во Бразилска џиу-џица во организација на АЈП Тур, АЈП Истанбул, на кој настапија и македонски репрезентативци, освојувајќи неколку медали.
Натпеварувањето траеше два дена, првиот ден понуди борби со кимоно (Ги), а вториот борби без кимоно (Но-ги). Македонската репрезентација ја претставија тројца натпреварувачи од најуспешниот македонски клуб „Д Стронгест”, предводени од Ивица Алексовски: Даниела Алексовска, Ева Илиевска и Стефан Пецевски. Сите тројца репрезентативци се претставија во најдобро светло, освојувајќи седум златни медали. Алексовска освои дури три најсјајни трофеи, еден во јуниорска конкуренција и два во сениорска, во конкуренција со и без кимоно, борејќи се со своите 16 години со повозрасни противнички. Илиевска освои златен медал со кимоно и златен медал без кимоно, иако во дисциплината „Но-ги“ се бореше во потешка категорија од својата, Пецевски исто така освои два златни медала во конкуренција на силни противници.