Седлоски: Ако го дадеме максимумот, може да ја изненадиме Швајцарија
Селекторот на Македонија, Гоце Седлоски, е позитивно расположен пред утрешниот натпревар против Швајцарија од Лигата на нации.
Македонија утре со почеток од 20:45 ја пречекува Швајцарија, македонските фудбалери ќе имаат нов голем предизвик против тим кој играше и четвртфинале на Светското првенство.
„Овие четири тренинга ги одработивме максимално како што посакувам, од сите играчи сум задоволен, сите се подготвени, сите знаат што треба да се работи на терен. Играме против Швајцарија, но со помош од публиката ќе се обидеме да дојдеме до поволен резултат“, рече Седлоски на денешната прес-конференција.
„Не не интересира Швајцарија со кои играчи ќе игра, знам дека им фалат фудбалери, но кои и да играат тие имаат квалитет. Треба да се грижиме само за нас, за нашата игра и ако ние одиграме добро ќе дојдеме до добар резултат“.
„Швајцарија е силна репрезентација, предизвик е за сите нас, играчите се мотивирани и ќе го дадат максиумот. Ја повикувам публиката да дојде во колку што е можно поголем број и да ни даде поддршка“.
„Нашата прва цел е пласман на следното Европско првенство, во натпреварите од Лигата на нации ќе гледаме да се подготвиме колку што е можно подобро и да собереме колку што е можно повеќе бодови“.



