Речиси осум тони медицински канабис исчезнале во Струмичко – кривична пријава за управителот и за компанијата
Контрола во компанија за одгледување медицински канабис во Струмичкиот Регион открила недостиг од речиси осум тони сув цвет од медицински канабис. За утврдената количина, компанијата немала соодветна документација со која би ја докажала и оправдала, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според соопштението на МВР, контролата ја извршиле полициски службеници од СВР Струмица, во соработка со претставници на надлежната комисија при Министерството за здравство.
„СВР Струмица поднесе кривична пријава против правно лице од с.Борисово, општина Ново Село и против В.К. од с.Ново Село, со престој во Струмица, управител на пријавеното правно лице за сторени кривични дела по член 95-в став 1, односно член 95-в став 2 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. При извршена контрола во простории на правното лице каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис, полициски службеници од СВР Струмица и службени лица од надлежната комисија при Министерството за здравство утврдиле дека има недостаток на документација поврзана со ангажираниот кадар, недостаток на друга задолжителна документација, како и недостаток на 7813,49 килограми сув цвет од медицински канабис, а за која количина пријавеното правно лице не располагало со соодветна документација и покритие“, соопшти МВР.



