Актуелно

Рекордни 3,6 милиони патници на македонските аеродроми, растот достигнал 28 проценти

Со зимскиот распоред, патниците ќе имаат на располагање 56 дестинации со 17 авиокомпании.

Македонските аеродроми бележат силен раст на патничкиот сообраќај. Од 1 јануари до 25 октомври годинава, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид опслужиле вкупно 3.651.073 патници, што е за 28 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Во истиот период биле реализирани 24.232 летови, односно 10 проценти повеќе отколку во првите неполни десет месеци од 2025 година, информираат од ТАВ Македонија, компанијата што управува со двата аеродрома.

Позитивниот тренд продолжил и во октомври. Од 1 до 25 октомври биле превезени 321.953 патници, што претставува раст од 24 проценти во однос на истиот период минатата година. Бројот на летови во овој период достигнал 2.085, или девет проценти повеќе на годишно ниво. Зимскиот распоред на летови почна на 25 октомври и ќе важи до 27 март 2027 година. Во овој период, патниците од двата македонски аеродрома ќе имаат на располагање вкупно 56 дестинации, кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании. Од Меѓународниот аеродром Скопје ќе има редовни летови до 45 дестинации со 13 авиокомпании, како и чартер-летови до седум дестинации со една авиокомпанија.

Од охридскиот аеродром, пак, ќе може да се лета до четири дестинации со три авиокомпании. Од ТАВ Македонија велат дека продолжуваат да работат на проширување на мрежата на авиолинии, привлекување нови авиопревозници и зајакнување на соработката со компаниите што веќе летаат од Македонија. Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оценува дека растот на патничкиот сообраќај и подобрувањето на воздушната поврзаност се важни показатели за потенцијалот на македонскиот пазар.

Тој посочува дека компанијата ги промовира можностите на македонските аеродроми на меѓународни саеми за авијација и туризам, како и преку директни контакти со авиокомпании. Меѓу последните активности е учеството на Routes World 2026 во Франкфурт, каде што биле одржани состаноци со авиопревозници за претставување на можностите за нови авиолинии. Според Курт, подобрата воздушна поврзаност може да придонесе за развој на туризмот, бизнисот и економските активности, а целта е патниците да добијат поголем избор на дестинации за патување од и до Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons