Актуелно

Ревизија со сериозни забелешки за ФЗО: Контроли со пропусти, милионски долгови и застарени цени за здравствените услуги

Ревизијата во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) утврди дека и натаму постојат недоследности во ефикасноста на следењето на лекувањето во странство, начинот на финансирање и купување на услугите од јавните здравствени установи, ажурирањето на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирањето на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот.

Како што информира Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој го објави Извештајот за извршената ревизија, и покрај преземените активности за спроведување на дел од препораките, и натаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања, особено во функционирањето на ИТ системот и контролите што Фондот ги спроведува врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги.

„Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година. Со извршената ревизија е изразено мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со релевантната законска регулатива. И покрај преземените активности за спроведување на дадените препораки од претходните ревизии, и понатаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања. Ревизијата нагласува дека ненавремената уплата на средства по основа на придонеси од надлежните институции влијае врз ликвидноста на Фондот, со што е отежнато навременото сервисирање на обврските кон здравствените установи, во рамки на договорените надоместоци“, се наведува во Извештајот.

Според ДЗР, заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 8.415.865 илјади денари, односно приближно 137 милиони евра, при што постојано се зголемува разликата помеѓу планираните средства и нивната реализација. Поради недоволно обезбедени буџетски средства, неисплатените средства од Министерството за здравство по основа на придонес за неосигурените лица, на крајот на 2024 година изнесувале 2.136.300 илјади денари, односно приближно 35 милиони евра.

„Ревизијата утврди дека во функционирањето и развојот на информацискиот систем на Фондот и понатаму постојат предизвици поврзани со отсуство на стратешки документи, недоволно кадровски капацитети, делумна функционалност на одделни модули и ограничени можности за нивна понатамошна надградба. Истовремено, доцни воспоставувањето на системот за електронски рецепт, а постојните системски контроли во процесот на издавање и фактурирање на рецептите не обезбедуваат доволно ниво на контрола. Утврдени се слабости во контролите што ги спроведува Фондот врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги од страна на здравствените установи. Нецелосната поврзаност на информацискиот систем на Фондот со системот „Мој термин“ и нецелосната информатичка поддршка на процесот на следење, пресметување и исплата на надоместоците на избраните лекари, како и недоволната координација помеѓу организациските единици, отсуството на планирање на контролите врз основа на анализа на ризик и недоволниот број лекари-контролори, го ограничуваат обемот и ефикасноста на контролите и не обезбедуваат целосна потврда за реално извршените здравствени услуги“, наведува ДЗР.

Ревизијата утврдила и дека во текот на 2024 година биле извршени вкупно 44 контроли во установите што вршат болничка здравствена заштита, при што кај речиси половина од нив биле констатирани неправилности.

„Најголем дел од контролите се вршат во јавните установи, додека кај приватните болници, каде што висината на исплатите зависи од обемот на извршените услуги, контролите се недоволни. Започнатите активности за дигитализација и воведување софтверски модул за планирање на контролите не се завршени поради неисполнети технички и организациски предуслови. Во областа на јавните набавки утврдени се слабости во планирањето и спроведувањето на ИТ набавките. Кај 17 од 20 ревидирани постапки е доставена само една понуда, при што ревизијата укажува дека дел од условите и техничките барања не биле целосно сразмерни со предметот на набавката, што влијаело врз конкуренцијата. Дополнително, набавениот модул за прием и контрола на фактури за странско осигурување, иако е испорачан и формално прифатен, не е ставен во функција бидејќи не одговара на потребите на работењето. Поради тоа, финансиската документација со странските фондови и понатаму се обработува рачно, што ја намалува ефикасноста на процесот и го зголемува ризикот од пропусти и неажурност“, стои во Извештајот.

Во делот на лекувањето во странство, ревизијата утврдила слабости во почитувањето на законските рокови за одлучување, следењето на постапките и евалуацијата на успешноста на лекувањето.

„Недоволно се воспоставени и контролите во процесот на евидентирање и затворање на авансно исплатените средства кон странските здравствени установи, чиј износ континуирано се зголемува во изминатиот период. Имено, приближно половина од вкупниот износ на авансите се однесува на периодот од 2014 до 2023 година, за кој не се добиени конечни фактури или не е извршен поврат на средствата. Како клучно ревизорско прашање се истакнува дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на принципот на плаќање според извршените здравствени услуги. Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што поголемиот дел од нив имаат реализирано значително помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок. Дополнително, ревизијата ја нагласува неизвесноста во однос на исходот од започнатите судски постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна, како и потребата од ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, кои во најголем дел се утврдени пред повеќе од 10 години и не ги одразуваат реалните трошоци. Истакната е и потребата од натамошно ажурирање на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, со цел таа да биде усогласена со потребите на здравствениот систем и осигурениците“, наведува ДЗР, додавајќи дека се дадени препораки за унапредување на работењето на Фондот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons