Продолжува судењето за „Пулс“: Одбраната најави 240 сведоци
Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште почнува изведување на докази на одбраната, која има најавено 240 сведоци.
На претходното рочиште во судницата во затворот „Идризово“, Јавното обвинителство истакна сериозни забелешки на трите вештачења и на директното и на вкрстеното сослушување на градежниот вештак Петре Русески, кој го има изработено градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети, оценувајќи дека Русески не ги исполнува законските и стручните услови, како и методолошките стандарди неопходни за едно вештачење да претставува објективно и веродостојно доказно средство.
Одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци проект“, чија документација првообвинетиот Дејан Јованов ја користел за решенија и лиценци, пак, преку сведочењето на техничкиот советник Османли Јорго отвори прашања за правната валидност на „основниот проект“ од 2012 година, тврдејќи дека станува збор за делумна документација која не била ревидирана и немала клучна улога во добивањето на лиценците.
Техничкиот советник Османли Јорго, кој го изготвил вештиот наод и мислење на барање на Едровска, пред судот истакна дека документот изготвен во 2012 година од обвинетата Едровска преку „Венци проект“ и насловен како „Основен проект“ претставува само делумна и непотполна проектна документација која ги нема сите фази предвидени со Законот за градење. Според неговиот исказ, внатрешното уредување и организација на објектот биле извршени пред изрботката на предметниот документ од Милка Едровска.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во изјава за медиумите реагираа на исказот на вештакот на „Венци проект“, според чие тврдење проектната документација била изработена пред реконструкцијата на „Пулс“.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Процесот започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар што се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.



