ПОРАКА ОД БРИСЕЛ Скопје и Софија да ги избегнуваат непотребните тензии
Брисел не ги коментира случувањата на границата на 4 февраури. Велат дека не коментираат тековни истраги или правни постапки.
Бугарија и Северна Македонија да промовираат атмосфера на дијалог и да избегнуваат непотребни тензии, соопшти Европската комисија во врска со последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје.
„Многу внимателно го следиме развојот на настаните поврзани со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Европската комисија потсетува на важноста на добрососедските односи. Во овој контекст, потребни се напори од сите страни да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и да се избегнуваат непотребни тензиии“, истакнале од ЕК за БНТ.
Брисел не ги коментира случувањата на границата на 4 февраури. Велат дека не коментираат тековни истраги или правни постапки.
За Софија, Македонија е во состoјба на вето дури не се впишат Бугарите во Уставот на земјава. За Скопје пак, земјата ги почна преговорите за членство во ЕУ и има јасна европска перспектива.
Премиерот Димитар Ковачевски изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, дека земјава е во состојба на вето ја стави во контекст на изборите во Бугарија и порача дека за влез во ЕУ ние не преговараме со Бугарија, туку со Унијата во Брисел и вето нема да има, бидејќи ќе ги почнавме преговорите.
Во меѓувреме, Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Резолуција за националните малцинства во Северна Македонија со која паднаа во вода обвинувањата од страна на Бугарија дека во земјата се врши системска дискриминација врз малцинствата.
Во неа не се споменува бугарското малцинство.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве изјави дека Бугарија се обидела со амандмани на Резолуцијата да се вметне формулација „системска дискриминација“, во контекст на бугарската заедница во земјата, но тоа не било прифатено од земјите-членки, бидејќи, според Османи, аргументите се на наша страна.