Пентагон подготвува 1.500 војници за евентуално распоредување во Минесота
Пентагон стави околу 1.500 војници во состојба на готовност за евентуално распоредување во државата Минесота откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го активира Законот за бунт поради немирите предизвикани од дејствијата на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ).
Пентагон подготвува 1.500 војници за евентуално распоредување во државата Минесота, војниците од 11-та воздушно-десантна дивизија на Армијата во Алјаска се ставени во состојба на готовност откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го активира Законот за бунт поради немирите предизвикани од дејството на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ), соопштија денес претставници на одбраната.
Војниците се распоредени во два пешадиски баталјони на 11-та воздушно-десантна дивизија на Армијата, која е со седиште во Алјаска и е специјализирана за операции во студени услови, изјавија официјални лица од одбраната за Вашингтон пост, зборувајќи под услов да останат анонимни.
Официјалните лица изјавија дека војската ги ставила единиците во состојба на готовност за распоредување во случај на ескалација на насилството поради немирите во Минесота, но дека сè уште не е сигурно дали некој од нив ќе биде испратен во таа држава.
Белата куќа во соопштение наведе дека е типично за Пентагон „да биде подготвен за секоја одлука која претседателот може или не мора да ја донесе“.
Закон за бунт
Законот за бунт, федерален закон од 1807 година, му дозволува на претседателот да ја преземе контролата врз силите на Националната гарда на државата или да распореди активни трупи во земјата како одговор на „бунт“.
Употребата на овој закон би било првпат врховниот командант да го стори тоа откако поранешниот американски претседател Џорџ Х.В. Буш ја повика војската за време на немирите во Лос Анџелес во 1992 година, во кои загинаа десетици луѓе и беше предизвикана голема штета.
Трамп во четвртокот се закани дека ќе го покрене законот, велејќи на социјалните мрежи дека, ако официјалните лица во Минесота не можат да ги спречат демонстрантите да „напаѓаат“ агенти од Службата за имиграција и царина (ИЦЕ), тој ќе го „покрене Законот за бунт“ и брзо ќе ја заврши ситуацијата што се случува во таа некогаш голема држава.
Минесота претставува загриженост за администрацијата на Трамп барем од декември минатата година, кога Министерството за внатрешна безбедност започна еднонеделна репресија против имигрантите, што доведе до стотици апсења и судири меѓу федералните агенти и демонстрантите.
Трамп, исто така, распореди повеќе од 2.600 припадници на Националната гарда во Вашингтон, претставници на администрацијата неодамна ја продолжија таа мисија до крајот на 2026 година.



