Магазин

Паметни семафори во Виена: Вештачката интелигенција го регулира сообраќајот

Виена сè повеќе користи вештачка интелигенција за да го направи сообраќајот побезбеден, поефикасен и попристапен. Во главниот град на Австрија во моментов функционираат околу 30 „паметни“ системи за сообраќајна сигнализација, а планот е во наредните години сите семафори со копче за пешаци да бидат опремени со оваа технологија.

Виена има околу 200 семафори со копчиња за пешаци и велосипедисти, а нивната модернизација со користење системи засновани на вештачка интелигенција започна во 2019 година. За разлика од класичните семафори, новите системи користат камери и сензори за анализа на површина од околу 30 квадратни метри. Тие можат да препознаат колку луѓе чекаат да ја преминат улицата.

Посебно внимание се посветува на лицата на кои им е потребно повеќе време за преминување. Системот препознава, меѓу другото, луѓе кои користат патерици или други помагала за одење, како и инвалидски колички и колички за бебиња. Доколку „паметниот“ семафор процени дека некому му е потребно повеќе време за да ја премине улицата, тој автоматски може да го продолжи траењето на зеленото светло. Целта е сообраќајот да се приспособи на различните потреби на граѓаните. Според надлежниот секретаријат, ваквите системи придонесуваат за поголема безбедност, подобар проток на сообраќајот и заштита на животната средина.

Употребата на камери, исто така, го покренува прашањето за заштита на приватноста. Градот Виена наведува дека снимките од камерите на системите што работат во реалниот сообраќај не се зачувуваат, туку обработката на податоците се врши директно на самото место. Според информациите од Градот, системот не зачувува фотографии од лицата, туку ги обработува податоците потребни за функционирање на семафорот, како што се бројот на луѓе и категориите на лица препознаени на пешачкиот премин. Така собраните податоци можат да се користат за подобро поставување на семафорите и оптимизирање на режимот на работа.

Технологијата е развиена од Техничкиот универзитет во Грац, а нејзината втора, подобрена генерација е во употреба во Виена од декември 2024 година.

Новата верзија му овозможува на системот да препознава лица со ограничена подвижност, но и да следи повеќе пешачки премини истовремено.

Следниот чекор е уште поамбициозен: истражувачите работат на подобро интегрирање на јавниот превоз во овој систем. Целта е „паметните“ семафори во иднина не само да ги земаат предвид пешаците и велосипедистите, туку и да им помогнат на автобусите и трамваите побрзо и поефикасно да минуваат низ градските раскрсници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons