Охридското Езеро прогласено за најубаво место во Европа, според магазинот Time Out
Охридското Езеро е прогласено за најубавото место во Европа за 2026 година, според листата на познатиот туристички магазин Time Out. Охрид се најде на првото место, пред низа познати европски природни и културни знаменитости.
Во образложението, Time Out го издвојува Охридското Езеро како едно од најстарите природни езера во Европа, опкружено со планини и историски локалитети. Посебно внимание е посветено на погледот кон црквата „Св. Јован Канео“, која се издигнува над езерото, како и на стариот дел на Охрид, неговите цркви, камени улици и карактеристичната архитектура.
Магазинот во својот текст го споредува Охридското Езеро и со италијанското езеро Комо, претставувајќи го Охрид како помирна и подостапна алтернатива за патниците кои сакаат впечатлив езерски пејзаж, историски град и планини без гужвите карактеристични за некои од најпопуларните европски дестинации.
На листата, веднаш зад Охрид, се најдоа Сатурнија во Тоскана, позната по природните термални извори, Џиновскиот насип во Северна Ирска со своите необични базалтни формации и Алберобело во Италија, препознатлив по традиционалните куќи со конусни покриви.
Меѓу издвоените места се и историскиот Почитељ во Босна и Херцеговина, норвешките фјордови, Кју Гарденс во Лондон и каналот Принсенграхт во Амстердам. На листата се најдоа и долината на Мозел во Германија и Каса Батљо во Барселона, едно од познатите дела на архитектот Антони Гауди.
Првото место за Охрид доаѓа како уште едно меѓународно внимание кон природното и културното наследство на регионот, кој со своето езеро, планински пејзажи и историскиот град со векови привлекува посетители од целиот свет.



