Откриен е целосно нов космички објект: Со големина колку Сончевиот систем, зрачи како 100 милијарди ѕвезди (ВИДЕО)
Астрономите тврдат дека откриле сосема нов тип космички објект, наречен „ѕвезда од црна дупка“. Голема е колку целиот Сончев систем и ослободува 100 милијарди пати повеќе енергија од која било позната ѕвезда.
Меѓународен тим дошол до откритието откако се фокусирал на мистериозна црвена точка на слики од раниот универзум направени од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА, кој се формирал само 660 милиони години по Големата експлозија.
Објектот се наоѓал во соѕвездието Кит, милијарди светлосни години од Земјата. Мерењата на ова егзотично тело покажале дека, иако наликува на огромна ѕвезда, ослободува 100 милијарди пати повеќе енергија отколку што може да произведе која било позната ѕвезда. Таквото ниво на енергија многу повеќе одговара на црните дупки отколку на ѕвездите.
„Откривме нов тип на астрофизички објект, ѕвезда од црна дупка“, рече д-р Рохан Наиду, кој го спроведе истражувањето во Институтот за астрофизика и вселенски истражувања „Кавли“, дел од Технолошкиот институт во Масачусетс.
Објектот „зрачи енергија што обично се поврзува со црните дупки, но во исто време покажува карактеристики што традиционално се поврзуваат со ѕвездите“, додаде Наиду.
Научниците го користеле вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за да ги бараат најоддалечените галаксии во познатиот универзум. Откако ја пронашле галаксијата Мом-з14, која се формирала само 280 милиони години по Големата експлозија, тие го насочиле своето внимание кон други космички објекти.
Пишувајќи во списанието „Нејчр“, астрономите опишуваат како се фокусирале на исклучително светлата црвена точка позната како Мом-Бх*-1. Станува збор за најцрвениот објект во архивата на снимки од телескопот.
„Начинот на кој нејзината светлина е речиси целосно црвена и нагло исчезнува под одредена бранова должина е толку драматичен што нема споредба со која било позната класа објекти“, рече Наиду.
Компјутерските симулации покажаа дека објектот не е масивна ѕвезда напојувана од нуклеарна фузија. Наместо тоа, станува збор за црна дупка толку обвиткана во густи облаци од гас што зрачи како ѕвезда.
Ако астрономите се во право, откритието би можело да објасни и десетици други мистериозни „мали црвени точки“, односно ЛРД-објекти. Тие се појавуваат на речиси секоја снимка од длабокиот вселенски простор направена со телескопот „Џејмс Веб“ и исто така би можеле да бидат ѕвезди од црни дупки.
Наиду се сомнева дека ѕвездите од црните дупки играат голема улога во еволуцијата на галаксиите. Тие би можеле да бидат почетоците на денешните супермасивни црни дупки, како онаа во центарот на Млечниот Пат.
„Со децении очекувавме дека нешто спектакуларно мора да се случува во многу раниот универзум. Ѕвездите од црните дупки би можеле да бидат тоа „нешто спектакуларно“. Тие би можеле да ја претставуваат почетната, обвиткана фаза што го означува почетокот на развојот на речиси секоја супермасивна црна дупка“, рече Наиду.
Супермасивните црни дупки се наоѓаат во центрите на речиси сите галаксии, како што е Млечниот Пат, и се смета дека ја обликуваат судбината на тие галаксии.
„Тие би можеле да утврдат кога ѕвездите можат да се формираат и кога ќе престанат да се формираат, насочувајќи го текот на сè што следи по формирањето на ѕвездите — раѓањето на планетите, појавата на животот и појавата на видовите што еден ден би можеле да ја состават целата оваа историја“, истакна Наиду.



