Осум месеци затвор за Игор Дашковски за палењето на автомобилите на бугарската амбасада
Основниот кривичен суд Скопје го осуди 44-годишниот Игор Дашковски Стојановски на осум месеци затвор за палењето на две дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје, што се случи на 15 јуни годинава.
Обвинетиот ја признал вината за кривичното дело „Загрозување лица и објекти под меѓународноправна заштита“, а со пресудата е задолжен да ја надомести и предизвиканата материјална штета од околу 3.300 евра.
Иако е осуден на затворска казна, Стојановски ќе ја чека правосилноста на пресудата на слобода, откако судот одлучил да му го укине притворот.
При одлучувањето судот го зел предвид фактот дека обвинетиот веќе поминал околу половина од изречената казна во притвор, неговото признание на вина и семејните околности, оценувајќи дека ризикот од бегство е мал.
Пресудата сè уште не е правосилна.



