ОН објави нови прогнози: На Земјата ѝ се заканува уште поголем пораст на температурите
Глобалното затоплување ќе биде поголемо отколку што досега се предвидуваше, покажува новиот извештај на Обединетите нации. Дури и според најоптимистичкото сценарио, просечната глобална температура до средината на векот ќе порасне за 1,7 до 1,8 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период, објави ОН.
И покрај брзото ширење на обновливите извори на енергија и воведувањето климатски политики со кои во многу земји се намалуваат емисиите на стакленички гасови, за да се оствари ова најповолно сценарио, потребни се дополнителни, итни и значителни намалувања на емисиите.
Според извештајот на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), емисиите на стакленички гасови треба до 2030 година да се намалат за 18 отсто во споредба со 2025 година.
До 2035 година треба да се намалат за 45 отсто, а до 2040 година за дури 69 отсто. Сепак, актуелните национални климатски планови предвидуваат значително помали намалувања. Според нив, емисиите до 2030 година би се намалиле за само 5 до 8 отсто, а до 2035 година за 11 до 15 отсто.
ОН проценува дека, ако земјите продолжат да ги спроведуваат сегашните политики, глобалната температура до 2100 година ќе порасне за 2,8 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период. Ако државите целосно ги исполнат своите постојни климатски ветувања, затоплувањето би изнесувало 2,6 степени.
Двете процени се повисоки од минатогодишните. ОН го поврзува ова со повлекувањето на САД од Парискиот договор и со променетите процени за историските емисии на стакленички гасови.
Во пресрет на следната конференција на ОН за климатските промени, КОП31, која ќе се одржи во Турција, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика земјите да не се откажуваат од намалувањето на емисиите. Тој предупреди дека емисиите на стакленички гасови придонесуваат за затоплувањето што предизвикува поплави, пожари и други природни катастрофи.
„Надминувањето на температурниот праг не значи предавање. Сè уште можеме да обезбедиме тоа надминување да биде што е можно помало и да трае што е можно пократко, и да ги вратиме температурите под 1,5 степени до крајот на векот“, изјави Гутереш.



