Обвинителен акт против висок владин функционер за злоупотреба на службена положба и овластување 

По спроведена истражна постапка и извршен увид од страна на обвинетиот и неговата одбрана, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт.

Според описот во Обвинителниот акт, обвинетиот се товари дека сторил продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинетиот како службено лице – Генерален секретар на Владата на РСМ, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тој, во периодот од месец април 2021 година до месец март 2022 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги.

Имено, на 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани, недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност.

Вториот – Договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант). Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ.

Со опишаните дејствија обвинетиот прибавил противправна имотна корист од значителна вредност за двете правни лица во вкупен износ од 89.385.255,00 денари, за колку и го оштетил Буџетот на РСМ.

Сметајќи дека се уште постојат околностите врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката куќен притвор, предметниот обвинител на судот му предложи нејзино продолжување.​

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons