МакедонијаНајново

НОВИ ПРАВИЛА: Домаќинствата ќе продаваат струја од сонце, фирмите бараат покриви за изнајмување

За 6-киловатeн соларен систем, едно домаќинство треба да инвестира 6.600 евра, а повратот е за 4 до 5 години. Без лиценца, струја од сонце може да продаваат и фирми, а една компанија нуди 5.000 евра за закуп на покрив со површина од 300 до 400 квадратни метри

Компанијата „Соларс инстал тим“ преку оглас баразакуп на кровни површини за инсталирање на соларни системи. Овој невообичаен оглас го привлече нашето внимание, а во разговорот со сопственикот на компанијата Александар Стојкоски дознаваме дека многу потенцијални инвеститори во соларната енергија се интересирале за овој нов бизнис , но дека им недостигал покрив каде што ќе го стават соларните панели.

Како што објаснува Стојкоски, од 1 јуни според нов правилник, домаќинствата кои имаат соларни системи до 6 киловати ќе може да произведуваат струја за себе, а вишокот ќе може да го продаваат и за тоа нема да им биде потребна лиценца. Без лиценца, ќе може да произведуваат, да ја користат и да ја продаваат струјата и правните субјекти кои на покрив ќе постават соларни системи со капацитет од 20 до 40 киловати.

– Инсталацијата на соларни панели станува поисплатлива од порано. Сега е значајно зголемена цената на струјата за домаќинствата, а особено за компаниите кои се на слободниот пазар. Затоа, сега е значително побрз повратот на инвестицијата во соларните панели. За 6-киловатен соларен систем поставен од страна на едно домаќинство, инвестицијата е 6.600 евра, а повратот е за 4 до 5 години, за разлика од порано кога повратот беше за 7 години. Ако се искористи некој кредит во кој има грант компонента, какви што има и преку нашите комерцијални банки, а со средства од ЕБОР, тогаш можно е порано да се врати инвестицијата. Индустриски капацитет пак, за да инсталира соларен систем од 20 киловати, потребни му се 14.000 евра – објаснува Стојкоски.

Тој вели дека токму оваа можност да се произведува, користи и продава струја од соларни системи со капацитет од 20 до 40 киловати без лиценца, отвора простор за нов бизнис и за изградба на бројни мали соларни централи на покривите. Според огласот што го објавиле „Соларс инстал тим“ потребни се покриви за изнајмување за 40 киловатни соларни централи; површината на покривот треба да биде минимум 300 квадратни метри према југ или 400 квадратни метри према југоисток, односно југозапад. Притоа, се нуди годишна рента од 200 евра, односно 5.000 за изнајмување на покривот за соларна централа во времетраење од 25 години.

– Го согледавме интересот на потенцијалните инвеститори. Ние ги инсталираме овие системи и во интерес ни е да ги развиваме овие мали централи. Затоа, како еден вид посредници, го објавивме огласот. Со оглед на големината на покривот што е потребен, јасно е дека станува збор за фирма која ќе сака да го изнајми просторот. Таа пак ќе склучи договор со компанијата која ќе го управува соларниот систем, а таа ќе си ја продава струјата – го објаснува процесот Стојкоски и вели дека домаќинствата и компаниите може многу детални информации да добијат на нивната страница solarinstallersteam.mk.

Домаќинствата може да ја чуваат струјата во батерија

Покрај монтирање на соларен систем до 6 киловaти за сопствено производство и продажба на вишок, домаќинствата без лиценца ќе може да инсталираат и поголеми соларни системи со батериски систем, но во тој случај нема да може да ја продаваат струјата.

– Многу домаќинства имаат потреба за повеќе струја отколку што нуди соларен систем од 6 киловати. Тие може, на пример, да инсталираат и 12 киловатен соларен систем, но вишокот нема да го продаваат, туку ќе го чуваат во батериски систем и струјата ќе ја користат по потреба – вели Стојкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons