Мицкоски: Стартуваме со политичко-економска посета на САД, важна за иднината на земјава
„Што се однесува до мојата посета, најпрвин во Вашингтон, планирани се средби на ултрависоко ниво во рамките на Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и средби на ултрависоко ниво со претставници на ДФЦ — тоа е финансиска институција којашто финансира проекти ширум светот, коишто се најчесто високоразвиени технолошки проекти. Тие се тука присутни преку својата инвестиција којашто ја имаат во проектот „Пела“ (Крстов Дол) за антимон, познат во јавноста. Од нивна страна има пројавено интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, каде што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капачити. Исто така и со компании коишто се од воената индустрија — компании коишто сакаме на некој начин да ги привлечеме да дојдат тука кај нас. Во фаза сме на изработка, со Министерството за одбрана, на нов закон со кој ќе го понудиме нашиот тренинг-полигон „Криволак“, затоа што чувствуваме дека на тој начин можеме да имаме уште побрз и уште подинамичен раст на економијата“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостувањето во Централниот дневник на МРТ.
Мицкоски се осврна на посетата на САД, каде што ќе учествува на овогодишното Генерално собрание на ОН. Тој посочи дека во рамките на посетата, од билатералните средби коишто се планирани, очекува склучување нови договори коишто се важни за иднината на државата.
„Понатаму, планирани се средби со влијателни тинк-тенк организации, а потоа се селиме во Њујорк, каде што продолжуваме на маргините на овогодишното Собрание на ОН да се среќаваме со голем број државници. Имаме веќе потврдени средби — во принцип, се ориентиравме на соседството, се разбира. Тука е и оној прием, нормално, од страна на претседателот на САД, а исто така имаме билатерални средби и со земји од Заливот, од каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски“, рече Мицкоски.



