Механизација, преработка и нови бизниси: Кој ќе може да добие пари од новиот повик на ИПАРД?
Земјоделските стопанства, преработувачите и претприемачите во руралните средини во декември ќе добијат нова можност за финансирање на инвестициите преку европската ИПАРД 3 програма. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој веќе ја објави претходната најава за јавниот повик 01/2026, кој ќе опфати три мерки за кофинансирање. Заинтересираните ќе имаат најмалку 45 дена да ги поднесат барањата, сметано од денот на објавувањето на повикот. Пред неговото официјално отворање, Агенцијата ќе ги објави ажурираните упатства и потребната документација на својата веб-страница.
За подготовка на апликациите, на земјоделците и бизнисите им се достапни и бесплатни совети во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Поддршката е предвидена преку три мерки. Мерката 1 опфаќа инвестиции во земјоделските стопанства за зголемување на продуктивноста и одржливоста на производството, вклучително и набавка на земјоделска механизација.
Мерката 3 е наменета за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, додека преку мерката 7 ќе се поддржуваат дополнителни дејности на фармите и развој на рурални бизниси. Од последната мерка, во овој повик се изземени производството и продажбата на енергија од обновливи извори. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека надлежните институции ги направиле потребните проверки и постапиле по препораките на Европската комисија. Воедно, интензивно се спроведува Акцискиот план за зајакнување на системите за управување и контрола на ИПАРД програмата.
Планот предвидува дигитално следење на проектите од моментот на одобрување до исплатата на средствата, вклучително и контролите на терен, како и механизми за рано предупредување при ризик од доцнење на исплатите. Министерот за земјоделство Борче Серафимовски вели дека се надминати причините што претставувале ризик за спроведувањето на програмата и дека се зајакнати институционалните механизми за контрола и одговорност.
Според него, обновувањето на довербата во ИПАРД и исполнувањето на преземените обврски пред Европската комисија остануваат приоритет, со цел средствата да се спроведуваат согласно европските стандарди.



