Мелони по немирите во Милано: Не можете да палите градови
Бранот протести што во изминатите недели ги зафати Шпанија и Франција стигна и до Италија и Португалија. Во Милано демонстрантите се судрија со полицијата и палеа имот, додека во Лисабон за време на викендот беше подигнат шаторски камп, пренесува Гардијан.
Саботниот протест во центарот на Милано против високите трошоци за живот започна мирно, но заврши со насилство. Маскирани демонстранти ја гаѓаа интервентната полиција со камења, плочки од тротоарите и други предмети. Запалија и барикади направени од маси од угостителски објекти.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера собраните. Снимките по судирите покажуваат тешко оштетено возило на карабинерите. Според податоците на новинската агенција „Ла Пресе“, повредени се најмалку двајца полицајци, а приведени се околу 50 демонстранти, од кои многумина се малолетници.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека протестите се право, но дека „палењето на нашите градови не е“. Во објава на социјалните мрежи таа наведе дека хулиганите ги искористиле протестите за да предизвикаат немири, да ги нападнат безбедносните сили и да ги парализираат градовите.



