Македонија две години полноправна членка на НАТО 

Датумот 27 март 2020 година беше означен како историски, а честитки пристигнаа од лидери од земјава, од лидерите на САД и НАТО. Добредојде во НАТО ни посакаа генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, тогашниот американскиот државен секретар Мајк Помпео, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен…Церемонијата на депoнирање на инструментот во МНР ја следеа тогашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров и американската амбасадорка Кејт Брнз. Претседателот Стево Пендаровски во видео изјава нагласи дека станува збор за историски успеси кои по три децении независност конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.

На 30 март 2020 година македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапување на земјава во Алијансата. Знамето беше кренато додека се интонираше македонската химна. Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во НАТО посака генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Свечената церемонија на подигање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше тогашниот премиер Оливер Спасовски.

По повод една година од членството во НАТО, лани во нашата земја пристигна командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк. Тој имаше средби со претседателот Стево Пендаровски, со поранешниот премиер Зоран Заев и со поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

„Северна Македонија имаше одличен почеток и обезбедува значителни придонеси за Алијансата“, порача Бурк.

Зградата на МНР синоќа беше осветлена во боите на НАТО по повод одбележување две години откако земјава е полноправна членка на Алијансата.

„Да се биде дел од трансатлантското семејство, особено во овие времиња на геополитичка нестабилност, е значајно постигнување и цврста гаранција за нашата безбедност и просперитет“, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот фејсбук профил.

Според него, Северна Македонија е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и е активен чинител во глобалните безбедносни политики.

„Со нашите НАТО партнери сме обединети и одлучни заеднички да одговориме на актуелните безбедносни предизвици предизвикани од инвазијата на Русија во Украина и да го дадеме својот придонес за зачувување на светскиот мир и стабилност“, наведува Османи.

Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република Северна Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

На официјализирањето на членството претходеше период на ратифицирање на Протоколот за пристапување од страна на земјите-членки. Протоколот за девет месеци го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а ратификацијата во шпанскиот Парламент се оддолжи поради изборите во Шпанија. Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари 2020 година со 114 гласа „за” го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот беше донесен со одложено дејство и се чекаше ратификацијата во Шпанија, која беше комплетирана на 17 март 2020 година.

Парламентот во 1993 година усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година, а најблиску до НАТО бевме во 2008 година на самитот во Букурешт, но Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името. Откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за НАТО се отвори и за нешто повеќе од една година, по потпишувањето на Протоколот на 6 февруари 2019 година, Северна Македонија во 2020 година на денешен ден и официјално стана дел од евроатлантското семејство.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons