Личната карта и возачката се селат на мобилен – апликацијата „м.Услуги“ стартува во октомври
Граѓаните од октомври ќе можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола во дигитална форма на својот мобилен телефон. Новината ја најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој информираше дека во текот на месецот ќе биде промовирана мобилната апликација м.Услуги.
Преку апликацијата, покрај електронските верзии на личните документи, на граѓаните ќе им бидат достапни и две електронски услуги.
Андоновски, во гостување на Канал 5, посочи дека во изминатиот период се работело на сајбер безбедноста, заштитата и чувањето на личните податоци, како и на начинот на нивна размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.
Во моментов, според министерот, во завршна фаза се усогласувањето и потпишувањето на протоколот за размена на податоци, како и тестирањето на самата апликација. Целта е пред нејзиното пуштање во употреба да се провери дали системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење.
Апликацијата ќе може да се преземе преку App Store и Google Play, а тест-верзијата досега ја презеле околу 6.000 граѓани.
Според Андоновски, следната фаза од дигиталната трансформација е мобилниот телефон постепено да добие функција на дигитален паричник, преку кој граѓаните ќе пристапуваат до личните документи и до услугите на државата.



