Лашкоска: Со предложените измени и дополнувања на Законот за животната средина за првпат се воведува механизмот за учество на јавноста по известувањето за намери
Во рамките на денешната комисиска седница на Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на која се дискутираа амандманите на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска јасно посочи дека со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, е предвидено дека за отворање на нови индустрии, условот за истите да се стекнат односно да им се издаде А-интегрирана дозвола е тие да се наоѓаат на поголема оддалеченост од 5 km од населените места.
Лашкоска напомена дека во Македонија, постојат индустриски капацитети кои функционираат до денес од времето на бивша Југославија и дека на истите треба да им се дозволи осовременување и модернизирање на процесот на производство.
„Ако некој реши да отвори нова индустрија, сè уште во законот којшто го предлагаме стои дека за да се даде А-интегрирана дозвола мора да е на оддалеченост поголема од 5 km. Од друга страна, ние лани односно овој собраниски состав донесе нов закон, Закон за емисија на индустриски гасови, со којшто закон ние им наложуваме на индустриските капацитети да го осовременат начинот на производство според најсовремените технологии коишто се достапни и коишто постојат“, рече Лашкоска и додаде:
„Во никој случај нема да дозволиме да не може да се осовременат технологиите коишто во моментот постојат на оние индустриски објекти коишто имаат важечка А-интегрирана дозвола“.
Заменик-министерката Лашкоска кажа дека со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, за првпат се воведува механизмот на учество на граѓаните како јавност по известувањето за намерата за одреден проект, во согласност со Архуската Конвенција.
„Во предложените измени коишто ги предлагаме денес, по известувањето за намери за првпат се воведува механизам учество на граѓаните, она кое досега го немаше и точно се водиме од Архуската Конвенција којашто ни предлага учество на јавноста и со ова ние ја зголемуваме нашата транспарентност и достапноста до правото и правдата“, појасни Лашкоска.



