МакедонијаНајново

Кој ќе може да го купи државниот стан, кој ќе плаќа кирија, а кој може да остане без него

Нови категории според приходите, кирија од 0 до 190 денари за квадрат, откуп на 30 години со 4 отсто камата, нов рок до 2027 година и можност за иселување за оние што нема да го регулираат статусот – се само дел од предложените измени

Илјадници граѓани што со години живеат во станови во државна сопственост повторно добиваат можност да го решат прашањето – ќе го купат станот, ќе продолжат да живеат како закупци или, ако не ги исполнат условите и роковите, ќе мора да го напуштат.

Ова го предвидува предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за домување, со кој државата предлага нови правила за старите корисници на државни станови. Најважната промена е што повеќе нема сите да бидат ставени во ист кош. Ќе се гледа колку заработува целото домаќинство, а од тоа ќе зависи дали граѓанинот ќе може да купи, колку ќе плаќа кирија и под кои услови ќе може да остане во станот.

Прво, се продолжува рокот за поднесување барања за откуп или пренос на правото на користење. Според предложените измени, новиот рок е 31 декември 2027 година. Ова се однесува на лицата што станот го користат врз основа на акт или договор склучен пред 16 мај 1998 година, како и на одредени членови на семејните домаќинства на починати носители на правото. Но, новиот закон носи и една голема промена – корисниците ќе се делат според приходите.

Предвидени се четири категории. Во првата се лица во социјален ризик – приматели на социјална или на постојана парична помош, потоа лица со ниски приходи како домаќинства со приходи до една и пол просечна нето-плата, лица со просечни приходи – од една и пол до две и пол просечни нето-плати и лица со високи приходи – над две и пол просечни нето-плати.

Оваа поделба е важна затоа што од неа ќе зависи што ќе може да направи корисникот со станот.

Најсиромашните нема да можат да го купат

За граѓаните што се во социјален ризик, односно примаат социјална или постојана парична помош, предлогот предвидува само право на закуп. Но има и олеснување, додека го имаат статусот на приматели на социјална или постојана парична помош, тие нема да плаќаат закупнина.

За другите категории се предвидува можност за избор меѓу закуп и откуп, доколку ги исполнуваат условите. Киријата ќе зависи од приходите. За домаќинствата со ниски приходи таа би била 25 или 35 денари за квадратен метар, за оние со просечни приходи 62 или 95 денари, а за лицата со високи приходи 190 денари за квадратен метар. Значи, за стан од 60 квадрати, на пример, закупнината за највисоката категорија би била 11.400 денари месечно.

Приходите нема да се утврдат еднаш и потоа да останат исти. Предвидени се проверки, најмалку еднаш годишно, а корисникот ќе има обврска да пријави ако му се промени финансиската состојба.

Право на откуп ќе имаат лицата со ниски, просечни и високи приходи, но само ако ги исполнуваат условите како државјанство, да имаат постојано живеалиште во општината каде што се наоѓа станот, станот да го користат уште од пред 13 август 2009 година, да немаат друг стан и да не користат друг стан или деловен простор во државна сопственост.

Во предлогот јасно се наведува дека откупот е условен со исполнување на овие критериуми.

За оние што ќе добијат право на откуп, државата предлага плаќањето да може да се растегне на долг период. Максималниот рок е 30 години, односно 360 еднакви месечни рати, со фиксна каматна стапка од 4 отсто годишно.

Што ако не поднесете барање за откуп?

Ова е делот што може да биде најважен за оние што и понатаму немаат регулиран статус. Предлогот предвидува корисниците да имаат рок до 31 декември 2027 година да поднесат барање за откуп или закуп. За оние што нема да го направат тоа е предвиден дополнителен рок до 31 март 2028 година. Ако и тогаш нема поднесено барање, следува најсериозната последица – можност за присилно иселување. Исто така, ако барањето биде одбиено, а лицето потоа во рок од 30 дена не поднесе ново барање за закуп или откуп, може да следува иселување.

Со други зборови, државата остава доволно време за регулирање на статусот, но по истекот на роковите правилата стануваат многу построги. Една од поважните новини е што закупот не мора да биде крајна станица. Лице кое ќе склучи договор за закуп според новите правила, доколку ги исполнува условите, подоцна ќе може да поднесе барање за откуп.

Со парите од старите социјални станови ќе се градат нови

Средствата добиени од продажбата на државните станови би се уплаќале на посебна наменска сметка. Парите нема да може слободно да се трошат, туку би биле наменети исклучиво за изградба на нови станови во државна сопственост.

Така, идејата на предлагачот е стариот станбен фонд постепено да се трансформира, а средствата од продадените станови да се искористат за создавање нови државни станови.

Наједноставно кажано – новите правила прават јасна разлика меѓу оние што немаат пари, оние со средни приходи и оние што можат да си дозволат да купат. Најранливите ќе можат да останат како закупци без закупнина додека примаат социјална или постојана парична помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons