Ковачевски: После изборниот пораз во 2024 година започна постапка за избор на нов лидер на СДСМ што не беше случај и после поразот на Филипче во 2025 година
Во емисијата „До полноќ со Топалова“, на МРТ телевизија, синоќа гостуваше, поранешниот лидер на СДСМ и некогашен премиер на Република Македонија, а сега актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Димитар Ковачевски кој изјави дека бил изненаден од резултатите од локалните избори во 2025 година, бидејќи и самиот сметал дека новото раководство на партијата ќе издвојува многу подобар изборен резултат од оној кој партијата го остварила на парламентарните избори во 2024 година.
„Изненадување за мене беа локалните избори, јас мислев дека резултатот ќе биде многу подобар од парламентарните со оглед на тоа дека партијата имаше ново раководство, меѓутоа тоа не се оствари“, рече Ковачевски и додаде:
„Дали е направена добра анализа зошто тоа се случи, не знам, бидејќи секогаш е потребна добра анализа за да се извлече поука од тоа што се случило, за да можете да ги поправите работите, а не да викате-не се случило, или да излезете после резултат од 124 илјади гласови и викате-ние победивме“, појасни Ковачевски.
Ковачевски посочи дека по изборниот пораз кој го претрпела партијата на парламентарните избори во 2024 година, започнала постапка за избор на нов лидер на СДСМ, што не било случај после изборниот дебакл кој го доживеала партијата на локалните избори во 2025 година.
„Јас после избори, после 154 илјади гласа не излегов да кажам дека сме победиле. После изборите излегов, честитав на победниците и потоа после неколку дена согласно процедурата во партијата започна процедура за избор на нов претседател на партијата и тоа според мене е еден од најнормалните демократски процеси“, кажа Ковачевски.



