Израелскиот министер за енергетика: Прекинуваме да ја снабдуваме Газа со струја
Израел ќе престане да испорачува електрична енергија за Појасот Газа, најави денеска министерот за енергетика Ели Коен, една недела откако го прекина влезот на хуманитарна помош во енклавата со цел да се изврши притисок врз Хамас.
„Само што потпишав извршна наредба за итно прекинување на струјата во Појасот Газа“, рече Коен во кратко видео. „Доста беше разговор, време е за акција“, додаде тој.
Единствениот далновод меѓу Израел и Газа ја храни главната постројка за десалинизација на водата на палестинската територија, која опслужува повеќе од 600.000 луѓе. Газаните за електричната енергија главно зависат од соларни панели и генератори на бензин.
„Ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да ги вратиме сите заложници и да се осигуриме дека Хамас веќе не е во Газа следниот ден по војната“, нагласи Коен, додека Израел и палестинското исламистичко движење меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот за прекин на огнот што стапи во сила на 19 јануари и чија прва фаза заврши на 1 март.
По прекинувањето на влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа пред една недела, хуманитарните организации предупредуваат на драматични последици за околу 2 милиони жители.