„Изи Џет“ се повлече од Македонија, нема повеќе летови
Британската компанија „Изи Џет“ која е помеѓу топ нискобуџетни авио-компании во Европа се повлече од Македонија и повеќе нема да оперира од Скопскиот аеродром. Оваа авио-компанија ги одржуваше летовите на релација Скопје – Женева – Скопје. Последниот нивен лет беше реализиран пред 3 дена, односно на 01 ноември 2024 година.
Ваквото откажување е голем губиток во македонскиот авиосообраќај од причина што ние како држава имаме огромна дијаспора во Швајцарија која сега ќе се соочи со прекин на оваа дестинација.
Од „ТАВ Македонија“ велат дека оваа дестинација не е дел од нивниот зимски ред на летање и дека сите нивни дестинации се добиени од страна на авиокомпаниите
„ТАВ Македонија“, како аеродромски оператор на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, го подготвува редот на летање за зимската сезона (од крај на октомври до почеток на март) и за летната сезона (од крај на март до крај на октомври), согласно најавите за летови (дестинации и фреквенции, односно број на неделни летови на тие дестинации) добиени од страна на авиокомпаниите.
Моментално, Женева како дестинација, не е дел од зимскиот ред на летање (2024/2025) што започна на 27-ми октомври, а истиот може да се најде на веб сајтот на скопскиот аеродром: https://skp.airports.com.mk/mk-MK/passenger-mk/flights-mk/page/timetable-document-mk, велат од „ТАВ Македонија“.