Магазин

Заедничката банкарска сметка го чува бракот: Паровите што ги делат приходите остануваат посреќни

Паровите кои чуваат пари на заедничка банкарска сметка го одржуваат квалитетот на својата врска во првите години од бракот, додека тој опаѓа кај оние со посебни сметки, покажа студија на американски научници.

Студијата беше спроведена од истражувачи од универзитетите Индијана, Мичиген, Јеил и Нортвестерн, а беше објавена во списание за истражување на потрошувачите. Главен автор е Џени Олсон, професорка по маркетинг на Факултетот за бизнис „Кели“ при Универзитетот Индијана.

Во истражувањето учествувале 230 парови кои биле верени или штотуку венчани. За сите тоа бил прв брак и, на почетокот, сите имале посебни сметки.

Истражувачите по случаен избор ги поделиле во три групи: едни отвориле заедничка сметка, други задржале посебни сметки, а третата група сама донела одлука. Во таа група, 72 отсто од паровите задржале посебни сметки до самиот крај.

Посебни сметки, послаба врска

Партнерите биле анкетирани одделно на секои три месеци во текот на првата година, а потоа повторно на крајот од втората година. Истражувачите го следеле задоволството од врската, начинот на решавање на конфликтите, квалитетот на времето поминато заедно и степенот на согласност меѓу партнерите во однос на парите.

На почетокот, сите групи имале сличен квалитет на поврзаност. Кај паровите со посебни сметки и кај оние кои направиле свои избори, тој значително се намалил со текот на времето, што е вообичаено во првите години од бракот. Паровите со заедничка сметка не го доживеале овој пад и се согласувале подобро во врска со парите.

„Ефектот беше дури и поголем отколку што очекував“, изјави Илај Финкел, професор по психологија на Универзитетот „Нортвестерн“ и еден од авторите на студијата. Паровите не поминале низ никаква обука за комуникација или советување, а единствената промена била начинот на кој управувале со своите пари.

„Заедно сме во ова“ 

Според Џени Олсон, паровите што имаат заедничка сметка честопати велат дека чувствуваат оти се „заедно во ова“. Таа објаснува дека заедничката сметка им помага на партнерите да ги усогласат своите финансиски цели, овозможува поголема транспарентност и го зајакнува чувството за „ние“.

Посебните сметки, вели Олсон, водат кон размислување засновано врз принципот на размена, слично како во деловните односи.

„Тоа е како: „Ти помагам затоа што ти подоцна ќе ми помогнеш мене“, изјави таа.

Кога парите се заеднички, партнерите си помагаат еден на друг затоа што тоа е потребно, без да водат сметка кој колку придонел. Тоа го потврдува и вториот дел од истражувањето, во кој учествувале 507 лица во брак во просек 15 години. Оние со заедничка сметка имале поусогласени финансиски цели со сопружникот и поретко „пресметувале“ кој што дал.

Не е за секого

Авторите предупредуваат дека резултатите важат во просек и можеби нема да се однесуваат на секој пар. Комбинацијата од заеднички и посебни сметки не донесе исти придобивки, но Финкел напоменува дека тоа заслужува дополнително истражување.

Заедничката сметка исто така значи откажување од дел од вашата финансиска независност. За паровите кои се во нестабилна врска или во тешка финансиска ситуација, ова може да создаде можност за контрола или злоупотреба. Проблеми можат да настанат и кога партнерите имаат значително различни приходи или навики за трошење, кога еден од нив има голем долг, или пак, кога врската ќе се распадне.

Студијата има и ограничувања. Примерокот се состоеше од помлади американски парови, со просечна возраст од 28 години, а една петтина од паровите не ја завршија студијата. Меѓу нив имаше значителен број од оние што се разделиле откако претходно имале посебни сметки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons