Свет

Дојави за бомби во 300 италијански училишта

Најмалку 300 училишта низ Италија денеска беа евакуирани откако добиле иста заканувачка порака за поставена бомба, соопшти италијанскиот министер за образование, пренесува Ројтерс.

Безбедносниот инцидент се случува во време на зголемена загриженост во Европа поради заканите поврзани со таканаречената хибридна војна, чии цели во изминатиот период беа супермаркети, банки за крв, воздушниот сообраќај и телевизиски куќи.

Министерот за образование Џузепе Валдитара изјави за телевизискиот канал „Ла7“ дека се претпоставува оти станува збор за лажни дојави, додавајќи дека се очекува бројот на засегнати училишта и натаму да расте.

„По дојавата за бомби на национално ниво, сакаме да ве известиме дека сите ученици се префрлени на безбедно место и се под надзор на наставниот персонал“, им соопштило едно римско училиште на родителите преку апликација за размена на пораки.

Толку големиот број училишта што се нашле на мета „покажува колку е всушност неверодостојна оваа закана“, нагласи министерот Валдитара.

Заканувачката електронска порака била потпишана со името „Михаил Андропов, водач на Вилајет Мизогинистан“, се наведува во копија од пораката во која увид имал Ројтерс.

Истиот наводен автор ја презел одговорноста и за заканувачките пораки за поставени бомби, испратени по електронска пошта во петокот до редакции на медиуми во Ирска и Бугарија.

Италијанската полиција спроведува истрага за целиот случај, потврди портпаролот на полицијата во Рим.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons