Доказ дека инклузијата е можна: Прва пратеничка со Даунов синдром во Шпанија
Мар Галсеран испиша историска страница во шпанската политика, со тоа што стана првата личност со Даунов синдром избрана за пратеничка во регионалниот парламент на Валенсија.
Нејзиниот избор не е само личен успех, туку и силен симбол дека политиката може да биде поинклузивна и да им даде простор на луѓето чии гласови долго време биле занемарувани.
„Општеството почнува да сфаќа дека луѓето со Даунов синдром имаат многу што да понудат. Но, патот е долг“, изјави 45-годишната Галсеран, нагласувајќи дека сака луѓето да ја гледаат како личност, а не низ призмата на нејзината попреченост.
Нејзиниот политички пат започнал уште на 18-годишна возраст, кога се приклучила на Народната партија (Partido Popular – PP). Со години активно работела во партијата, а нејзината посветеност била препознаена кога во 2023 година се нашла на листата на кандидати за регионалните избори во Валенсија. По изборите, добила место во регионалниот парламент. Hi
Лидерот на Народната партија во Валенсија, Карлос Мазон, тогаш порача дека нејзиниот избор претставува „одлична вест за политиката и уште еден чекор кон рушење на бариерите“.

Галсеран не е првата личност со Даунов синдром што влегува во политиката, но е првата што станала пратеничка во Шпанија. Пред неа, во 2013 година, Анхела Бачиљер стана првата советничка со Даунов синдром во градот Ваљадолид. Во Франција, Елеонор Лалу во 2020 година беше избрана за член на градскиот совет во Арас, а во Ирска Финтан Бреј влезе во локалната политика во 2022 година.



