Денови на подзаборавената винска кралица – „станушина“, грозје кое го има само во Македонија!
Со поетско читање на поеми посветени на виното, во Кавадарци вчера започна одржувањето на настанот „Ден на станушина”. Во организација на општината и здружението Тиквешки семејни винарии, и во наредните два дена ќе следат низа на настани, со кои ќе се даде поддршка на продолжувањето на вековната традиција на одгледување на станушина, промовирање на производите од оваа сорта на грозје, со цел да не се дозволи станушината да исчезне од овие простори.
Станува збор за стара сорта на грозје која што ја има единствено во Тиквешкиот регион и не може да се најде на друго место во светот. Вината произведени од станушина се познати по специфичната розе боја која варира од побледа до поинтензивна, свежината и овошната арома.
Одгледувачите на оваа подзаборавена и недоволно промовирана сорта на грозје, велат дека се работи за лоза која е отпорна на многу штетници и не бара многу вода. Зрее покасно и дава добри приноси, а вината се одлични во комбинација со разни видови на сирење, јаткасти плодови, но и десерти.
Изминативе години, како што ја нарекуваат, бледата винска кралица, станушината, повторно ја враќа својата популарност благодарение на голем број на помали винарии од регионот, кои потсетуваат дека оваа автохтона сорта која ја има единствено во земјава е симбол на издржливост, но и на богата палета на вкусови и ароми, специфични само за неа.