Врховниот суд му даде зелено светло на Трамп да продолжи со изградбата на балска сала во Белата куќа
Врховниот суд на САД привремено ѝ дозволи на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да продолжи со изградбата на балска сала во Белата куќа. Со одлуката е запрено спроведувањето на пресудата на понизок суд со која требаше да биде суспендиран поголем дел од работите, пишува Ројтерс.
Овој потег, познат како административно одложување, им дава време на судиите да го разгледаат официјалното барање на администрацијата на Трамп за продолжување на работите на проектот вреден 400 милиони долари, односно околу 342 милиони евра, додека трае судскиот спор.
Министерството за правда во поднесокот до Врховниот суд од 14 август ги повтори аргументите на Трамп дека проектот е неопходен поради националната безбедност, посочувајќи ги атентатите врз претседателот и други закани.
„Овој случај вклучува вонредна и незаконска судска забрана што ќе ја запре тековната изградба на интегриран воен комплекс, вклучувајќи целосно обезбеден простор на салата во Источното крило на Белата куќа, што е од витално значење за националната безбедност“, напишаа адвокатите на Министерството.
Проектот ја поврзува надземната сала со голем подземен комплекс. Трамп објасни дека во него се предвидени засолништа од бомби, медицински објекти, заштита од беспилотни летала и проектили и други безбедносни системи, кои се „поврзани во една голема, скапа и многу сложена целина“.
Според Министерството за правда, целиот проект досега е завршен 65 отсто.
Непрофитната организација Национален фонд за зачувување на историското наследство поднесе тужба минатата година, откако администрацијата го урна Источното крило и почна со изградба на сала од 8.360 квадратни метри без одобрение од Конгресот. Трамп најави дека тоа ќе биде „најголемата сала од таков вид што некогаш била изградена“.
Апелацискиот суд за округот Колумбија на 7 август ја потврди наредбата на окружниот судија Ричард Леон, со која на администрацијата ѝ беше наложено да ги прекине надземните градежни работи. Наредбата требаше да стапи во сила во петок.
„Секој претседател е привремен станар, а не сопственик на Белата куќа и не може темелно да ја преобликува без одобрение од Конгресот“, се наведува во пресудата на Апелацискиот суд.
Наредбата не ја забранува трајно изградбата. Таа ги блокира надземните работи, но дозволува продолжување на подземната изградба, како и на работите што се сметаат за неопходни за безбедноста на Белата куќа.
Апелацискиот суд наведе дека аргументите за националната безбедност „не се автоматска пропусница за избегнување на законот“.
Трамп тврди дека проектот е неопходен од безбедносни причини и на својата социјална мрежа Трут сошл ја нарече новата структура воен центар.
Одлуката на Апелацискиот суд ја оцени како ужасна и политички мотивирана и порача дека со неа тој, другите функционери во Белата куќа и посетителите остануваат изложени на можни напади.
„Врховниот суд мора целосно да ја поништи оваа неправедна одлука“, напиша Трамп.
Националниот фонд за зачувување на историското наследство, пак, побара од Врховниот суд да го одбие барањето на администрацијата за продолжување на изградбата.
„Секој суд што го разгледал ова прашање се согласил дека администрацијата нема еднострано законско овластување да изгради огромна сала на местото на урнатото Источно крило“, наведоа адвокатите на организацијата.
Според нив, судовите јасно ѝ ставиле до знаење на администрацијата дека мора да ја прекине „незаконската изградба“ сè додека не добие изречно одобрение од Конгресот.
Проектот е дел од пошироките планови на Трамп за промена на изгледот на Вашингтон. Меѓу нив се изградба на сводови високи 76 метри и преуредување на Кенеди центарот.
Во урнатото Источно крило се наоѓаа канцелариите на првата дама и киносалата на Белата куќа. Крило првично било изградено во 1902 година, за време на претседателскиот мандат на Теодор Рузвелт, а значително било проширено во 1942 година, за време на Френклин Рузвелт.



