Во Ургентен на Клинички дневно имаат по 10-15 повредени во сообраќајни несреќи
Во Ургентниот центар на Клинички дневно примаат по 10 -15 повредени во сообраќајни несреќи. Поради топлотниот бран и не почитување на препораките и правилата за учество во сообраќајот во установата бележат зголемен број на вакви пациенти. Повеќето имале сообраќајки во градски средини и поминале полесно, но имаат и граѓани со потешки повреди.
– Имаме зголемен број на пациенти повредени во сообраќајни несреќи периодов. Имаме неколку повредени кои се со тешки телесни повреди , но не се животозагрозувачки. Повеќето имале набиеници, повреди во пределот на лумбалниот дел, поради не носење на безбедносниот појас повреди на главата имаме. Би сакал да дадам препорака до возачите секогаш да ги врзуваат сигурносните појаси, да не возат под дејство на алкохол и други лекови и дроги и да ги почитуваат ограничувањата на брзината, да држат растојание и да не зборуваат на мобилен додека возат, изјави Асс. д-р Игор Мерџаноски, директор на ТОАРИЛУЦ.
И покрај постојаните апели од лекарите и останатите надлежни институции во полицискиот билтен секој ден има информации за приведени возачи кои управувале автомобил во алкохолизирана состојба. Вакви случаи синоќа се регистрирани во Битола, Прилеп, Куманово и Кавадарци каде возачот имал дури 2.56 промили алкохол во крвта.
Не само да не се управува автомобил под дејство на алкохол, доктор Мерџаноски апелира граѓаните да не влегуваат во вода во алкохолизирана состојба и да не скокаат на глава во реки, базени, езера и мориња зошто повредите можат да бидат многу сериозни. Само оваа лето имале неколку вакви случаи на ТОАРИЛУЦ,
– Давам голем апел да многу внимаваат капачите да не скокаат на глава, зошто имамаме неколку вакви случаи со сериозни повреди на вратот. Мислам дека сите знаат дека при повреди на вратниот рбет настанува квадриплегија, односно одземање на рацете и нозете и тие се животозагрозувачки повреди, апелираше д-р Мерџаноски.
Последниот повреден од скокање на глава во базен е хоспитализиран на ТОАРИЛУЦ завчера каде лекарите се обидуваат да му го спасат животот.