МакедонијаНајново

Во Македонија жените го раѓаат првото дете во просек на 27,8 години, стапката на фертилитет е под нивото за обнова на населението

Стапката на фертилитет во Македонија се намалува во последната деценија и се движи од 1,52 живородени деца по жена во 2004 и 2014, на 1,49 во 2023 и 1,44 во 2024 година. Ова во превод значи дека мајчинството се одложува и се раѓаат сè помалку деца. Ваквата стапка на фертилитет е значително под нивото од 2,1 живородени деца по жена потребно за обнова на населението, со што Европа, а и нашата земја веќе влегуваат во сериозни демографски предизвици.

Ако се земе Европската Унија, во 2024 година се родени 3,55 милиони бебиња. Тоа значи намалување од 3,3% во споредба со 2023 година, додека вкупната стапка на плодност за 2024 изнесува 1,34 живородени деца по жена во ЕУ, што е намалување во споредба со 1,38 во 2023 година.

Според податоците од Евростат, најниска стапка на фертилитет во 2024 година има Малта – 1,01, а највисока во Бугарија – 1,72.

Просечната возраст на жените при раѓањето на нивното прво дете во ЕУ во 2024 година е 29,9 години, и се движи од 26,9 во Бугарија до 31,9 во Италија. Во Македонија жените првото дете во просек го раѓаат на 27,8 години.

Жените во последните дваесетина години во просек сè подоцна го раѓаат првото дете. Во 2014 година на 26,6 години и 25 години во 2004 година.

Во 2024 година, Бугарија забележа највисока вкупна стапка на фертилитет во ЕУ со 1,72 живородени деца по жена, по што следуваат Франција со 1,61 и Словенија со 1,52. Спротивно на тоа, Малта имаше најниска стапка на фертилитет од 1,01 живородени деца по жена, заедно со Шпанија со 1,10 и Литванија со 1,11.

Податоците на Евростат покажуваат дека речиси два пати помалку деца се родени во ЕУ во 2024 година отколку пред шест децении.

Во Македонија бројот на живородени деца е во постојан пад од 1960 кога се родиле 44.095 деца, 37.862 во 1970, 35.401 во 1990, на 29.308 во 2000, 24.296 во 2010 година и 19.031 во 2020 година, на рекордно најниските 16.061 во 2024 година.

Зборувајќи за демографските предизвици во земјата, премиерот Христијан Мицкоски минатата година рече дека Владата сериозно размислува за воведување даноци за немажени и неженети граѓани, со цел да се спречи иселувањето и да се зголеми наталитетот во Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons