Владата го испрати францускиот предлог во Собранието, на потег е работната група да усогласи заклучоци
Владата го доставила францускиот предлог до Собранието, потврдија за „Слободен печат“ извори од Владата. Иако претходно имаше информации дека предлогот прво треба да помине на седница на Влада за материјалите да бидат испратени во Собранието, според наши информации, Владата само го проследила документот до Собранието.
Во Парламентот е доставен само францускиот предлог, бидејќи билатералниот протокол се уште се усогласува. Освен францускиот предлог и протоколот, пакетот содржи уште еден документ.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изјави дека откако ќе заврши консултативниот процес за европскиот предлог, билатералниот договор и уште еден документ ќе бидат испратени во Собранието и дека координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии ќе разговараат за овие предлози.
– На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги почнеме преговорите и со какви заклучоци и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе и да го операционализира во врска со одлуката која што Собранието ќе ја донесе – рече Ковачевски.
Тој додаде дека пратениците согласно своите уставни надлежности ја носат одлуката, носат заклучоци и даваат задолжение на Владата која што како извршна власт треба тоа да го спроведе.
Координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии денеска се очекува да одржат прва средба на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието за францускиот предлог. Веќе е подготвена драфт верзијата на заклучоците.